ВЕРУВАЈТЕ ВО СЕБЕ И ЧУДА ЌЕ НАПРАВИТЕ – ТИНЕЈЏЕРИТЕ ШТО ПОБЕДИЈА НА СВЕТСКИОТ КОНКУРС НА УНИЦЕФ ПРОСЛАВИЈА СО ТАМАРА ТОДЕВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонските тинејџери кои добија глобално признание за иновација против насилството вчера со свеченост во Скопје го прославија успехот заедно со нивните ментори и со пејачката Тамара Тодевска, претставничка на Евровизија 2019. На церемонијата на која учесниците добија сертификати дојдоа  претставници од приватниот сектор кои се потенцијални спонзори на следните иновативни младински иницијативи и претставници на дипломатскиот кор.

Победничкиот тим „АндроМета“ ќе добие експертско менторство и почетна финансиска поддршка од 20.000 американски долари за да го финансира проширувањето на својата иницијатива – мобилната апликација Проговори (Speak Out) која е дизајнирана за да гради заедница за поддршка на жртвите на врсничко насилство.

„Другите деца и тинејџери сè повеќе се распрашуваат како може и тие да учествуваат на следниот младински предизвик. Всушност, најдобриот можен резултат од светскиот успех на овој тим е токму тоа – инспирацијата што ја даваат на други млади луѓе да се вклучат и преку соработка да решат некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација и да создадат подобар свет за себе“, рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

Тодевска, која на Евровизија во Израел ќе ја изведе песната „Горда“ (Proud), вели дека нејзината песна е посветена на секој што верува во себе и ја прифаќа својата посебност.

„Верувајте во своите способности и прифатете го со радост својот потенцијал! Тогаш ќе може да направите промена, дури и чудо“, рече Тамара Тодевска.

Младинскиот предизвик е дел од глобалната иницијатива Генерација без граници (Generation Unlimited) која ја промовираа светските лидери вклучувајќи го генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутерес, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и извршниот директор на УНИЦЕФ Хенриета Фор и има за цел сите млади на возраст од 10 до 24 години да добијат образование, обука и работа до 2030 година.