Синоќа во Градски парк со миниконцерти на Влатко Стефановски, Биља Крстиќ, Танос Ставридис, „Биг бенд“, градскиот хор „Вардар“ и на поп ѕвездата Канита Сума се одбележаа 56 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје. Скопјани се сеќаваа на жртвите на земјотресот, светската хуманост и на солидарноста, со која градот повторно се изгради.
Гитарскиот виртуоз Стефановски во знак на сеќавање на 26 јули ги свиреше „Скопје“, „Чукни во дрво“ и „Џипси сонг“, а на бината му се приклучи и грчкиот хармоникаш Танос Ставридис.
Градоначалникот Петре Шилегов кажа дека од денеска, граѓаните преку анкета ќе можат да предлагаат нови имиња за улиците, булеварите, мостовите и плоштадите во Скопје, за да се вратат спомените и сеќавањата на градот кој се изгради со помош на светската солидарност.
„Секоја година, 26 јули нѐ потсетува на солидарноста на скопјани и на солидарноста на светот кон Скопје. Само неколку часа по катастрофата почна големата акција, во која што сите светски сили дадоа помош, а целиот свет се солидаризираше и мобилизираше за да им помогне на Скопје и на неговите граѓани. Претходната власт, за жал, ги избриша тие спомени. Лани на овој ден ги вративме буквите со зборовите на Тито на старата железничка станица. Пред неколку месеци, катните гаражи во надлежност на Градот добија нови имиња, ’26 јули‘ и ’Беко‘. Сега ќе го направиме тоа и со други објекти, улици и плоштади“, рече Шилегов.
А. АНТЕВСКА