Денес почнува јубилејната 30. интернационална Ликовна колонија Галичник, која ќе трае до 22 август. Ќе учествуваат 11 уметници од повеќе земји како: Симоне Хујамнс и Мари ван Воленхофен – Холандија, Селма Џулизаревиќ и Бранимир Карановиќ – Србија, Софија Грегоријаду – Грција, Улф Лундин – Шведска, Даниел Дресел – Германија, Лин Куасаи – Англија, Хелидон Ѓерѓи – Албанија, САД и Зорица Зафировска и Атанас Атанасоски од Македонија.
„Сите учесници се современи визуелни уметници кои се занимаваат со транс и мултимедијална уметност, сите со богати биографии и со исклучителна афирмираност во земјите од каде доаѓаат и пошироко, дел од нив професори на престижни универзитети и институти низ светот, претставници и учесници на значајни ликовни манифестации, биеналиња (како национални претставници или како дел од групните тематски проекти) и уметнички ивенти. Медиумите во кои тие креативно се изразуваа се во согласност со уникатната медиумска определба на Ликовната колонија Галичник во регионот при изборот на уметниците, а тоа се новите и дигитални медиуми како видеа, фотографии, дигитална графика, дигитални и звучни инсталации и слично“, вели раководителката на колонијата Ана Франговска.