Писателката Соња Манџук ја доби наградата „ПЕГАЗ“ за најдобар необјавен роман на годината која ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ со поддршка на Министерството за култура.
Манџук е наградена за романот „Насон прочитана книга“. Таа вели дека идејата да аплицира на конкурсот ја добила бидејќи Министерството досега двапати одбило да ја издаде книгата и почувствувала дека сега е вистинско време.
Наградата „ПЕГАЗ“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција.
„Напишана во манирот на постмодернистичките книжевни практики, ‘Насон прочитана книга’ претставува онирична авантура чие поаѓалиште е една библиотека. Структурно, романот е конципиран како книга во книга“, стои во одлуката на жирито во состав Димитар Башевски, Бисера Бендевска и Иван Шопов.
Бендевска, која е уредничка во издавачката куќа, рече дека конкурсот предизвикал голем интерес кај домашните автори и дека пристигнале 77 романи. Таа додаде дека ракописите кои биле позитивно оценети ќе добијат можност да бидат објавени. Во најтесен избор влегле и: „Курвински хроники“ од Александар Русјаков, „Скриени желби, немирни животи“ од Владимир Јанковски, „Денот кога не се разбудив“ од Моџо Килингтон, „Бричење петли“ од Владо Димовски и „Егеец“ од Владимир Плавевски. Победничкиот роман ќе биде промовиран на крајот на следниот месец.
Б. НЕСТОРОСКА