Атиџе Муратова, Тамара Котевска, Љубо Стефанов, Атанас Георгиев, Самир Љума и Фејми Даут вечерва ќе се појават на гламурозниот црвен килим пред холивудскиот театар „Долби“ и ќе бидат дел од 92. свеченост на доделување Оскари.
Презентерите двапати ќе го прочитаат насловот на документарецот „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, откако беше номиниран во две категории: најдобар документарен и најдобар странски филм, што досега не се случило во историјата на Академијата.
Церемонијата на доделувањето на Оскарите ќе почне во два часот по полноќ. Втора година по ред, нема да има водител, а телевизиски ќе се пренесува во 225 држави и територии.
Младински културен центар (МКЦ) организира следење на Оскарите во живо. Во 22 часот ќе почне преносот од црвениот килим, од 22:30 во киното Фросина ќе се прикаже филмот, во 00:15 часот е најавено вклучување на дел од авторската екипа и потоа ќе се гледаат Оскарите. Од МКЦ велат дека за присуство е потребен бесплатен билет, кој може да се подигне од билетарницата.
Б. НЕСТОРОСКА