Вечерва од 19 часот, на платото пред Младински културен центар (МКЦ) ќе биде промовирана стихозбирката „Двоумење“ од Ива Дамјановски. Мерките на претпазливост се строго испочитувани, велат од МКЦ.
Дамјановски (1996) е родена во Скопје и е дипломиран пијанист на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
„Ива пишува со хируршка прецизност, а текстот го третира со војничка дисциплина. Секој звук и секоја тишина во нејзината поезија се пресметани, а зборовите се одбрани како камчиња за мозаик. Секое нивно значење и секоја повеќезначност се намерни. Сѐ е подредено во служба на идејата и пораката“, стои во рецензијата на Јулијана Величковска.