Миле Манчевски отвори изложба на карикатури во Ликовниот салон во Велес насловена „Ковид-19 и превенција од вирусот“. Изложбата на која има 80-ина дела, избор од 1.200 кои ги создал за две години од пандемијата, авторот им ја посветува на здравствените работници.
„Тенденција на карикатуристите каде било во светот е да се даде максимална поддршка на здравствените работници. Острото критичко перо што го имавме за сите претходни настани и случувања во општеството го ставивме на страна и се фокусиравме на поддршката за здравствените работници“, рече Манчевски, познат под уметичкото име Мил-ман.
Манчевски е автор на повеќе од 2.000 карикатури и учесник на преку 100 групни и самостојни изложби во земјава и светот. Добитник е на бројни награди и признанија. Годинава, Манчевски ја доби наградата за животно дело „Цицо“, наменета за македонски карикатуристи. Објавувал свои дела во најтиражните весници во Македонија и поранешна Југославија.
„Наградата ‘Цицо’ ја сфатив како нова мобилизација за нови трудови и ангажмани. Продолжувам со карикатурата“, кажа Мил-ман.
П. ПЕЧКОВ