На 9 декември од 20 часот, во Националната опера и балет ќе се одржи концерт на Биг бендот на Здружението на џез музичарите, насловен „ЗЏМ свири Леб и сол”. Диригентот на ЗЏМ, Џијан Емин, вели дека идејата да одржат концерт со песните на „Леб и сол“ ја добиле пред неколку месеци.
„Пред неколку месеци, членовите на ‘Леб и сол’ добија ордени за животно дело. Ние добивме задача да изведеме неколку композиции на доделувањето, за кои аранжманите ги направи Гордан Спасовски. Настапот помина успешно и аранжманите прозвучеа свежо и интересно. Гоце Стевковски, инспириран од настанот и изведбата на музиката, предложи нашиот следен настап со ЗЏМ да биде со музиката на ‘Леб и сол‘“, ни изјави диригентот и композитор Џијан Емин.
На концертот ќе се отсвират дел од хитовите на „Леб и сол”, со аранжмани адаптирани за биг бенд изведба. Како вокал гостува младата пејачка Евгенија Чанчалова. Емин вели дека на членовите на култниот бенд им се бендисале новите аранжмани на нивните песни.
„По краткиот концерт во претседателската вила на чинот на доделувањето на наградите за животно дело. каде што изведовме четири композиции, имавме неформални муабети со членовите на групата, со кои патем сме и долгогодишни соработници во разни проекти. Тие изразија големо задоволство што токму ние ја добивме честа да ја изведеме нивната музика и да ја претставиме низ наша призма“, вели Емин.
Со тоа одговорноста за нивото на квалитетот на концертот кој претстои пораснала уште повеќе.
„‘Леб и сол’ со нивната музика има огромно влијание врз неколку генерации и, секако, на мојата генерација, најмногу во периодот од нашите средношколски денови. Создавањето на хибрид на современа џез-рок музика со вметнување фолклорни мотиви тие го прават на многу уникатен начин, со кој оставаат сериозен печат на целокупната тогашна југословенска сцена. Музиката на ‘Леб и сол’ во одредени делови бара виртуозно умеење на инструментите. Тоа во младоста е многу важно за музичарите. ‘Леб и сол’ со звучната шареноликост во музичкиот израз успеа да инспирира многу музичари, кои денес функционираат во разни состави или како солистички уметници“, вели Емин.
На секој албум на култниот бенд, тој има по неколку фаворити. Вели дека го следи целото творештво на бендот и тој процес е важен за него: како започнале, која била инспирацијата, како стигнале до музичките решенија, како е снимено и продуцирано, како звучи во живо.
„Гледано од денешен аспект, ‘Леб и сол’ е една од најважните музички појави во нашата историја“, кажа Емин.
Најавени се песни од различни периоди на групата, каде како композитори се појавуваат Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Гарабет Тавитијан. Аранжманите заеднички ги направи тимот на ЗЏМ: Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, Трајче Велков, Сашко Николовски и Џијан Емин. Тој вели дека се радува на гостувањето на Евгенија Чанчалова, која настапува по долго време.
М. ЏАРОВСКА