БЕВ СЕКАДЕ НИЗ СВЕТОТ, НО МОЈ НАЈГОЛЕМ УСПЕХ Е НАСТАПОТ СО „МАКЕДОНИСИМО“ ВО РОДНОТО СЕЛО НА МАЈКА МИ, ВЕЛИ ПИЈАНИСТОТ СИМОН ТРПЧЕСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот пијанист со светски успеси Симон Трпчески имаше активна и успешна концертна година. За свој најмаркантен успех во 2023 Трпчески ја смета светската премиера на проектот „Македонисимо“ во Виена, како и другите претставувања на овој проект низ светот. За него е еднакво значаен и настапот во родното село на неговата мајка.

Трпчески со колегите во Секирник, Струмичко, родното село на неговата мајка (Фото: Фејсбук)

„Нешто што ќе остане како исклучителен успех за мене е настапот со ‘Македонисимо’ во родното село на мојата мајка, Секирник во Струмичко. Освен балканската турнеја на ‘Македонисимо’, нешто што ја одбележа годината е снимањето на монументалните концерти на Јоханес Брамс заедно со ВДР Симфонискиот оркестар од Келн и диригентот Кристијан Мачелару, нешто што во секој случај мене ми импонира, и прекрасните критики кои излегоа за овој албум“, ни изјави Трпчески за двојниот албум со двата концерта за пијано од Брамс кој го издаде британскиот „Лин рекордс“.

За него се значајни изведбите на двата Брамсови концерта со Лондонскиот симфониски оркестар.

„Тука ќе ги споменам и низата концерти кои ја одбележуваат стогодишнината, јубилејот на Сергеј Рахмањинов што светот ги слави во 2023 и во 2024, вкучувајќи ја турнејата со Прашката филхармонија во Европа. Она што мене ми остави впечаток е моето прво гостување кај нашиот јужен сосед, заедно со државниот Солунски симфониски орекстар, еден прекрасен концерт, прекрасен прием од нашите соседи“.

За Трпчески се значајни изведбите на двата Брамсови концерти со Лондонскиот симфониски оркестар (Фото: Фејсбук)

Трпчески вели дека годинава по убаво ќе го памети и концертот во Белград со оркестарот на Радио телевизија Србија, каде што го свирел Рахмањинов.

„Во 2024 сакам да се случат уште неколку концерти на ‘Македонисимо’ кај нас и надвор. Мојата концертна сезона во 2024 ќе започне со концерт со овој проект како резидентен уметник во Монте Карло, на Стара нова година на 13 јануари“.

За Трпчески следи концерт и како резидентен уметник со Кралскиот шкотски национален оркестар и уште неколку посети на САД и Канада. Ќе следи и албум со композиции од францускиот композитор Ками Сен-Санс, заедно со Кралскиот шкотски филхармониски оркестар, кој македонскиот пијанист го нарекува уште еден прекраен проект.

Во ноември, Трпчески одржа концерт во Тасманија (Фото: Фејсбук)

Новата година Трпчески ќе ја прослави со најблиските.

„Она што им посакувам на сите е да ги служи здравјето, пред сѐ. Ако нѐ служи здравјето, ќе нѐ служи уште подобро и свеста. Посакувам да размислуваме со своја глава, да ги чуваме, пазиме и почитуваме своите корени како Македонци и како граѓани на Македонија. И, се разбира, да имаме многу љубов, разбирање и почитување, со што ќе имаме уште поздрава околина за живеење. Јас новогодишната ноќ ќе ја поминам во кругот на семејството, заедно со своите најблиски, за да ги евоцираме сите убавини што се случија оваа година, а и да си направиме планови и да си изразиме желби за сето она што би сакале да се случи следната година“, ни рече Трпчески.

М. ЏАРОВСКА

Фото: Радио Романија