„МОНА ЛИЗА“ ЗА ПРВПАТ ЌЕ ОДИ НА ТУРНЕЈА НИЗ ФРАНЦИЈА

Париз, (АФП)

Ремек-делото на Леонардо да Винчи, „Мона Лиза“, кое помина речиси 500 години во Париз, наскоро може да замине на турнеја низ Франција, најави францускиот министер за култура, Франсоа Нисен.

Нисен за радиото „Европа 1“ изјави дека „сериозно размислува“ за овој потег.

„Не гледам причина зошто ваквите дела треба да се чуваат на едно место. Мој приоритет е да се работи против културната сегрегација“, рече министерот.

Сликата привлекува милиони туристи во „Лувр“ секоја година.

Музејот многу ретко ја изнесуваше сликата надвор, загрижен за кршливоста и за безбедноста на сликата, која била украдена во 1911 година, па две години подоцна се појавила во Фиренца.

„Мона Лиза“ последен пат го напушти „Лувр“ за изложби во Токио и во Москва во 1974 година. Пред тоа, помина неколку месеци во Вашингтон и Њујорк во 1963 година. Во 2013 година, музејот одбил барање од градот Фиренца, каде што се верува дека Да Винчи ја насликал, да ја позајми за изложба.