Над 40 млади музичари од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ од Скопје и од Државното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ од Штип и десетина нивни врсници од Норвешка, вечерва (29 јуни) од 20 часот во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип ќе свират популарни и џез композиции под менторство на норвешката композиторка и професорка Сесил Грендал.
Ист концерт ќе се одржи во концертната сала во музичкото училиште во Скопје, утревечер (30 јуни) од 20 часот. Ќе се свири филмска музика, поп, рок, џез и латино.
Норвешката професорка веќе неколку дена со младите музичари од двете музички училишта во Штип и во Скопје одржува мини семинари и проби за вечерашниот концерт.
Директорот на музичкото училиште во Штип, Илија Ќосевски вели дека концертот со наслов „Пријателство преку музика“ е соработка меѓу двете државни музички училишта. Ова е прв нивен заеднички концерт и првпат е меѓународен.
Во мај, директорот на скопското музичко училиште Јован Бицевски и Даниела Неделковска, раководител на одделот по дувачки инструменти беа во Осло.

„Имавме средби со директори на музички училишта и со раководителите за музичко образование во Осло, и договоривме идни соработки на ниво на училишта“, вели Бицевски.
Концерот во Штип е дел од програмата за меѓународна соработка со музичките училишта во Македонија. Норвешката професорка Грендал неколку години гостува во музичките училишта од Македонија, а лани во Скопје се одржа сличен концерт со класична и популарна музика, а учениците свиреа и нејзини дела.
Т. ЈОВАНОВСКИ