ВАНЕ КОСТУРАНОВ ЈА ПРОМОВИРА СЛИКОВНИЦАТА „ЅВЕЗДЕНО ДЕТЕ“

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

„Ѕвездено дете“ е насловена сликовницата на авторот и илустратор Ване Костуранов, која ќе биде промовирана утре во 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“.

Книгата ќе ја промовира Билјана Црвенковска, писателка и уредничка на литература за деца и млади во „Арс Ламина – публикации“.

Издавачот ја најавува книгата како нежна, ѕвездена приказна за желбите, стравовите, осаменоста и љубовта и за едно дете – Ѕвездан – кое живее меѓу ѕвездите.

„А кога живееш меѓу ѕвездите, животот ти е исполнет со нив. Ѕвездан е вистински мајстор за ѕвезди: ги поправа кога ќе престанат да светат, пловејќи меѓу нив со своето бротче. Исплашен од помислата некоја ѕвезда да не падне, Ѕвездан доаѓа до едно големо откритие  што понатаму ќе го одведе до нешто сосема, сосема неочекувано“, велат од „Арс ламина“.

Костуранов (39 години) е роден во Струмица и е самоук сликар кој досега има одржано 11 самостојни, а учествувано во повеќе групни изложби.

Активно се занимава со сликарство околу петнаесетина години и е препознатлив по неговите разнобојни куќи претставени на различни начини, кои се воедно и најчестиот мотив што се провлекува низ неговото творештво.