БИБЛИОТЕКАТА ВО ШТИП СЛАВИ 40 ГОДИНИ, А ШТИПСКОТО БИБЛИОТЕКАРСТВО 1,5 ВЕК

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Народната и универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ во Штип слави 40 години постоење, додека, истовремено, градското библиотекарство одбележува еден и пол век.

Двојната прослава се совпаѓа со 115-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев, кој учителствувал во Штип од 1894 до 1896 година, кога покрај револуционерната, се развивала и образовната дејност.

По овие поводи, денеска во библиотеката „Гоце Делчев“ беше промовирана монографијата „Хронологија на значајни обележја“, чии автори се Анета Стефановска, Благој Н. Николов, Анита Ангеловска, Охридија Лазарева, Милена Ристова Михајловска и Благица Спиридонова. Монографијата содржи три дела и го опфаќа историјатот на библиотечната дејност во Битола, Охрид и Штип.

„Просветителството како европско интелектуално движење, кое го зафати целиот 18. век, во Македонија, поради специфичните општествени, политички и културни услови, започнува да се јавува дури во втората половина на 19. век. Поучени од тоа искуство, пред сѐ, од таканаречените француски книжевни салони, штипската граѓанска класа започнала сѐ повеќе да ја чувствува потребата за книга и читање. Овој граѓански слој, со свои доброволни прилози започнал да формира места за интелектуални средби на младите, таканаречени ‘читалишта со библиотека’ уште пред 1860 година“, вели публицистот Елена Јосимовска.

Т. ЈОВАНОВСКИ