Со „Прашај ја Е. Џин“ од Ајви Миропол, документарец за новинарката и писателка Џин Керол која го тужеше Доналд Трамп за сексуален напад и клевета и стана единствената жена што двапати го победи на суд, вечерва почнува 28. издание на Фестивалот на документарен филм во Солун. Филмот на Миропол ќе ја има меѓународната премиера во Солун, чие годинешно издание е посветено на моќта, одговорноста и личната цена на вистината.
Главна тема на фестивалот годинава е „Сеќавањето на целиот свет“, која ќе се истражува низ филмски проекции, дискусии, специјални фестивалски публикации.
„Последните фестивали се одвиваа под заедничко чувство на неизвесност, чувство кое ги оптоварува сите. И се плашам дека овој фестивал нема да биде различен. Од Украина и Газа до Судан и Иран, и до секое место каде што демократијата, правдата и човековите права се на тест, вознемиреноста за тоа што следува останува интензивна. Надежта дека конфликтите можеби ќе завршат, дека мирот, стабилноста и социјалната кохезија можеби ќе преовладаат, не може да се оформи сè додека насилството, расизмот, говорот на омраза и авторитарните политички практики продолжуваат да се нормализираат. Сè додека машинеријата на војната останува во движење, отворено загрозувајќи ја глобалната стабилност, нема простор за комотност“, рече директорот на фестивалот Орестис Андреакис на прес-конференцијата претставувајќи го ова издание.

На ова издание ќе играат 252 долгометражни и кратки документарци, со рекордни 80 светски премиери, 32 меѓународни и 11 европски премиери. Фестивалот ќе заврши на 15 март со „Господин Никој против Путин“ на Дејвид Боренштајн и корежија на Павел „Паша“ Таланкин, номиниран за Оскар за најдобар документарец. По традиција фестивалот ќе има и оскаровска вечер, со директен пренос од оскаровската церемонија и целоноќна забава во киното Олимпион во центарот на Солун.
Фестивалот има четири селекции за награди, во главната Меѓународна конкуренција за Златен и Сребрен Александар се 14 филма од кои три грчки, a статуетките носат и од 12.000 евра односно 5.000 евра. Во селекцијата Новајлии, со дебитантски и втори филмови на авторите се 14 филмови од кои три грчки, а наградата „Златен Александар-Димитри Еипидис“ носи и 10.000 евра и 400 евра за Сребрен Александар. Во Напреден филм, 10 неконвенционални документарци, од кои три грчки, конкурираат за Златен Александар и 6.000 евра и Сребрен Александар и 3.000 евра. Во селекцијата „Тридимензионално: Околу филмот“ 8 пионерски филмови се натпреваруваат за наградата „Златен Александар-Тридимензионално“, која носи 2.000 евра, а дел од програмата е и интерактивната инсталација „Срцебиење“ од француската визуелна уметница Фани Фортаж, позната и како Бони Лисабон.

Актерската ѕвезда Жилиет Бинош годинава во Солун доаѓа како режисерка, со документарното деби „Во движење“, за нејзината соработка со прочуениот британски танчер и кореограф Акрам Кан. Бинош е и претседателка на Европската филмска академија, а следната церемонија на доделување на Европските филмски награди ќе се одржи во Атина во јануари 2027.
На фестивалот ќе биде промовирана и платформата Филмографија, дигитална база на податоци што ќе вклучува вредни информации за филмовите од грчката кинематографија.
„Станува збор за непроценливо дело кое има за цел документирање, заштита и промоција на грчкиот, спроведено со ресурси извлечени од Националниот план за закрепнување и отпорност ‘Грција 2.0’, која ќе биде јавно достапна од крајот на април“, велат од Фестивалот.
Американскиот мултимедијален уметник Бил Морисон ќе го добие почесниот Златен Александар. Авторот кого „Њујорк тајмс“ го нарече „поет лауреат на изгубените филмови“ ќе одржи и мастерклас отворен за јавноста, а ќе претстави и шест од неговите документарци.
М. КОСТОВА