КНИГИТЕ МИ СЕ ФИКЦИЈА, ИНАКУ ЖИВОТОТ БИ МИ БИЛ МНОГУ МРАЧЕН, РЕЧЕ АМЕРИКАНСКАТА ПИСАТЕЛКА САРА ПЕКАНЕН ЗА РОМАНОТ „КУЌА ОД СТАКЛО“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Американската писателка Сара Пеканен, светски позната авторка на психолошки трилери, денеска на прес-конференција во Скопје ја промовираше новата книга „Куќа од стакло“, за која рече дека е фикција. Издавач на македонското издание е „Арс Ламина“, во рамките на јубилејот 20 години постоење.

​Пеканен е првпат во регионот и рече дека на социјалните мрежи имала комуникација со многу читатели од Македонија.

​„Навистина ми е многу мило и чест што сум гостинка овде. Откако дојдов синоќа, работите стануваат сè подобри и подобри. Со нетрпение ја очекувам средбата со читателите на Саемот на книга“, рече Пеканен.

​Зборувајќи за својот творечки процес, писателката кажа дека нејзината истражувачка работа како новинар влијае врз нејзините дела, како што е случајот со книгата „Жените во бело“.

​„Моите новинарски корени за оваа книга започнаа кога мојот уредник во САД ме праша дали знам дека на Универзитетот Дјук порано имало институт посветен на мерење на психичките способности на луѓето. Отпатував во Северна Каролина и најдов место каде што ги чуваат сите тие записи и досиеја. Почнав да читам за експериментите и тоа се претвори во приказна за една жена која живее како да е 1964 година, отсечена од надворешниот свет, како единствена преживеана од тие мистериозни истражувања“, кажа авторката.

​На прашањето дали нејзините книги се биографски, Пеканен рече:

​„Добра работа е што се фикција, бидејќи во спротивно, мојот живот би бил многу мрачен и извртен. Ништо во моите книги не базирам на мојот вистински живот, но мора да бидам во состојба да пристапам до емоциите низ кои поминуваат моите ликови“.

​Иако е успешна и како новинарка и како писателка, таа вели дека креативното пишување е нејзината вистинска страст.

​„Ако морам да бирам од што би се откажала, тоа би било новинарството. Пишувањето фикција е нешто што морам да го правам. Има некоја опсесија, некој ‘црв’ што доаѓа со пишувањето роман, што сега е дел од мене и не знам дали некогаш ќе престанам. Да се биде автор ми дава повеќе слобода. Она што ме научи новинарството е да ги завршувам книгите навреме, затоа што ние новинарите знаеме дека е важно да се почитуваат роковите“, рече Пеканен.

Сара Пеканен со Бранка Бугариска и Ана Несторовска од „Арс Ламина“ (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

​Таа се присети на еден емотивен момент кој го потврдува влијанието на нејзините книги врз реалниот живот.

​„Еден од најмоќните коментари што сум ги добила беше по книгата ‘Сопругата меѓу нас’. Една читателка ми кажа дека книгата ѝ помогнала да излезе од лоша врска. Таа препознала работи во книгата кои се случувале во нејзината сопствена врска. Тоа беше апсолутно прекрасно чувство“.

​Промоцијата на трилерот „Куќа од стакло“ ќе се одржи на 25 април во арената „Борис Трајковски“.

М. ЏАРОВСКА