ИТАЛИЈАНСКАТА ПИЈАНИСТКА КРИСТИЈАНА ПЕГОРАРО НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Италијанската пијанистка Кристијана Пегораро вечерва (29 јули) ќе одржи концерт во рамките на Италијанската вечер на „Охридско лето“. Таа ќе настапи во црквата „Света Софија“ од 21 часот.

Опишана од дневниот весник „Њујорк тајмс“ како „уметница од најголем калибар“, Кристијана Пегораро настапува во најпрестижните концертни сали во Европа, САД, Јужна Америка, на Блискиот Исток, во Азија и Австралија.

Настапувала пред претседателите на Италија, Серџо Матарела и Карло Азељо Кјампи, пред лидерите во Собранието на ОН, пред гувернерот на Њујорк, пред војвотката од Луксембург и други високи политичари во Италија, Канада и Австрија.

Нејзината дискографија вклучува 34 албуми, а за албумот со танго-музика од Астор Пјацола е добитничка на Златен медал на Глобалните музички награди во Калифорнија.

Добитничка е на повеќе од 50 меѓународни награди и признанија. Во 2019 година ја добива престижната награда „Белисарио“, доделена на церемонија пренесувана во живо од италијанската телевизија РАИ.

Неодамна, округот Вестчестер во државата Њујорк ѝ посвети ден од годината, па така, според официјалната објава на Советот, 28 март секоја година се одбележува како Ден на Кристијана Пегораро.

Италијанската вечер на фестивалот „Охридско лето“ се одржува со поддршка на Италијанската амбасада.