АНА ПЕТАНОВСКА ГО ИЗДАДЕ ПРВИОТ АЛБУМ ЗА „КРОАЦИЈА РЕКОРДС“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Младата поп-пејачка Ана Петановска го објави својот прв студиски албум „Само љубов постои“, во издание на хрватската дискографска куќа „Кроација рекордс“. Албумот има десет песни и е достапен на сите дигитални музички платформи.

Со дебитантското издание, 23-годишната Петановска го прави својот прв поголем дискографски исчекор кон хрватскиот и регионалниот музички пазар по неколку години фестивалски настапи, снимање песни и соработки со познати автори и музичари.

На албумот е песната „Љубовта секогаш победува“, со која Петановска настапи на меѓународниот фестивал „Бисер на Јадрант“ во Тиват и ја освои наградата за најдобра интерпретација. Вклучени се и хрватските верзии на „Балада за ангел“ и „Со тебе до ѕвездите“, кои претходно беа објавени на македонски јазик и за кои се снимени спотови.

Една од позначајните соработки на нејзиниот прв албум е дуетот „Небо“ со познатиот рок-музичар Дадо Топиќ. Тoj е и автор на текстот на песната.

На песните како автори работеа Душан Бачиќ, Григор Копров, Роберт Пилепиќ и Стефан Петановски.

Ана Петановска е родена во Скопје во 2003 и со музика се занимава од детство. Пред почетокот на соло кариерата учествувала во повеќе студиски проекти, а пошироката публика ја запозна и преку Евровизија во 2022, кога во Торино беше придружен вокал на македонската претставничка Андреа Коевска. Истата година Петановска ја започна соло кариерата, по што следуваа нови песни, фестивалски настапи и признанија. Со првиот студиски албум таа ги заокружува песните создадени во изминатите години и ја продолжува соработката со автори од Македонија и од регионот.

М. ЏАРОВСКА