Промовирана е апликацијата „Имерсиум“, со која на посетителите на археолошкиот локалитет Стоби им се нудат содржините преку водич во вид на видеоигра. Со неа, посетителот треба да го спаси животот на императорот Теодосиј, единствениот владетел на Рим кој во 388 година го посетил Стоби.
„Апликацијата е платформа за презентација на нови содржини во Стоби. Тоа е водич низ неколку градби на локалитетот и посетителот може подлабоко да се запознае со активностите кои се случувале тука. Сè е склопено во сценарио како да се спаси животот на императорот Теодосиј“, изјави Димитар Николовски, кој раководеше со проектот, финансиран од ЕУ.
Виртуелната посета почнува од Порта Хераклеа, полукружниот плоштад или пазар, па следуваат Епископската базилика, театарот и казиното, пред да се стигне до Теодосијанската палата. На апликацијата се работело две години и е заеднички проект на седум институции од Македонија, Грција, Бугарија Србија и Словенија. Бесплатна е и наменета е за посетителите на возраст над 13 години.
„Апликацијата е едукативна и интерактивна, бара од посетителот и да одговори на неколку прашања. Практично е игра, има виртуелна реконструкција на неколку објекти“, кажа Спасе Перовски, директорот на НУ Стоби.
Ваква апликација е изработена и за локалитетите Емона кај Љубљана и Виминациум кај Пожаревац.
П. ПЕЧКОВ