ТВИТЕРЏИИТЕ СЕ АНАЛИТИЧНИ НАУТРО, ЕМОТИВНИ НАВЕЧЕР, ПОКАЖА БРИТАНСКО ИСТРАЖУВАЊЕ

Лондон, (ДПА)

Повеќето твитерџии размислуваат аналитички и без емоции во раните утрински часови, додека навечер стануваат емотивни и импулсивни, стои во извештајот за обемното истражување на Универзитетот во Бристол, Англија.

Истражуважите дошле до овој заклучок откако анализирале седум милијарди зборови од преку 800 милиони пораки на Твитер.

Експертот за вештачка интелигенција Нело Кристијанини и колегите ги оценуваа анонимните Твитер постови од 54 големи британски градови во текот на четири години и ги сортираа според 73 индикатори поврзани со различни стилови на размислување.

Студијата откри дека од пет до шест часот наутро се користеле најголем дел од зборовите поврзани со логично размислување, интелигенција и образование.

Сепак, во вечерните часови и ноќе, стилот на говорот се менува, станува сѐ повеќе емоционален и импулсивен и честопати повеќе социјален. Меѓу 3 и 4 часот наутро се изразуваат најдлабоките мисли за постоењето, како и најмалку позитивните емоции.

Сè на сè, студијата покажа дека употребата на јазикот силно и предвидливо се менува, во согласност со секојдневниот ритам на телото.