Македонските тинејџери кои добија глобално признание за иновација против насилството вчера со свеченост во Скопје го прославија успехот заедно со нивните ментори и со пејачката Тамара Тодевска, претставничка на Евровизија 2019. На церемонијата на која учесниците добија сертификати дојдоа претставници од приватниот сектор кои се потенцијални спонзори на следните иновативни младински иницијативи и претставници на дипломатскиот кор.
Победничкиот тим „АндроМета“ ќе добие експертско менторство и почетна финансиска поддршка од 20.000 американски долари за да го финансира проширувањето на својата иницијатива – мобилната апликација Проговори (Speak Out) која е дизајнирана за да гради заедница за поддршка на жртвите на врсничко насилство.
„Другите деца и тинејџери сè повеќе се распрашуваат како може и тие да учествуваат на следниот младински предизвик. Всушност, најдобриот можен резултат од светскиот успех на овој тим е токму тоа – инспирацијата што ја даваат на други млади луѓе да се вклучат и преку соработка да решат некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација и да создадат подобар свет за себе“, рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.
Тодевска, која на Евровизија во Израел ќе ја изведе песната „Горда“ (Proud), вели дека нејзината песна е посветена на секој што верува во себе и ја прифаќа својата посебност.
„Верувајте во своите способности и прифатете го со радост својот потенцијал! Тогаш ќе може да направите промена, дури и чудо“, рече Тамара Тодевска.
Младинскиот предизвик е дел од глобалната иницијатива Генерација без граници (Generation Unlimited) која ја промовираа светските лидери вклучувајќи го генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутерес, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и извршниот директор на УНИЦЕФ Хенриета Фор и има за цел сите млади на возраст од 10 до 24 години да добијат образование, обука и работа до 2030 година.