БОСАНСКИ АРХИТЕКТ СЕ ВРАТИ ОД ЛОНДОН ВО РОДНОТО САРАЕВО И СО ПАРТНЕРКА ОД АНГЛИЈА ДИЗАЈНИРАШЕ СТАР СТАН КАКО ПОТСЕТНИК НА ВОЈНАТА

Сараево, (Њујорк тајмс)

Двајца архитекти од Лондон дошле до решение за враќање на убавнината на дел од Сараево, откако поминаа повеќе од 30 години кога главниот град на Босна и Херцеговина, некогаш модел за мултикултурна хармонија, стана воена зона каде што секојдневно се гинеше.

Во 47-месечната опсада на Сараево за време на босанската војна во 1990-тите, повеќе од 11.000 жители беа убиени, а 50.000 ранети, главно од минофрлачки гранати и снајперисти. Шеесет и пет проценти од зградите на градот беа оштетени, а 80 проценти од комуналната инфраструктура беше уништена. Повеќе од 2 милиони граѓани од Босна и Херцеговина се раселени за време на војната.

Њујорк тајмс ја објави приказната за Вернес Чаушевиќ (37) кој бил мало дете за време на опсадата. Откако неговиот татко бил тешко повреден, неговото семејство избегало во Лондон, каде што Чаушевиќ станал архитект, но никогаш не заборавил на војната.
Денес, тој и неговата партнерка родена во Англија, Луси Динен, со која го основаа студиото „Project V Architecture“ во Лондон, ја истражуваат архитектурата како алатка за повоено враќање, реконструкција и помирување.

За проектот кој го нарекоа „Земја“ (Земља) архитектите отстранија три внатрешни ѕида и поставија волнени завеси во боја на теракота. (Фото: Њујорк тајмс)

 

Во 2017 година, двојката основала втор дом и канцеларија во Сараево, а во 2021 година платиле околу 80.000 долари за стан од 50 квадратни метри во Грбавица. Таа населба во срцето на градот беше окупирана во време на војната и се користеше како база за напади, но сега привлекува нови жители.

Станот во зграда од времето на социјализмот не само што стана нивен дом, туку и модел за создавање флексибилна и здрава средина. Наместо да го брише сеќавањето на трауматските настани, дизајнот оддава почит на издржливоста на граѓаните на Сараево.

За проектот кој го нарекоа „Земја“ архитектите отстранија три внатрешни ѕида и поставија волнени завеси во боја на теракота. Реконструкцијата, која ги чинеше архитектите 25.000 долари, според Луси Динен одговара на прашањето „Како да создадете смирувачка средина за живеење во стресна урбана област?“

Наместо да го брише сеќавањето на трауматските настани, дизајнот оддава почит на издржливоста на граѓаните на Сараево (Фото: Њујорк тајмс)

 

Во станот има мебел изработен по нарачка, вклучително и работна маса во форма на Л во спалната соба на задната страна и се поврзува со полица за книги од подот до таванот во дневната соба.

„Овие фиксни, функционални нешта се она што му дава чувство на просторност на станот“,  рече Чаушевиќ.

Завесите одговараат на флуктуирачките потреби на луѓето за социјална интеракција и приватност. Заградувајќи или проширувајќи ги областите што се користат за одмор, работа, спиење или јадење, ткаенината ја регулира светлината и го менува расположението.