ЛАВ ЌЕ РЕЦИТИРА ПОЕЗИЈА НА ТРАФАЛГАР СКВЕР ВО ЛОНДОН

Лондон, (Дезин)

Британската уметница Ис Девлин ќе додаде петта скулптура на лав на Трафалгар сквер за годинашниот Лондонски фестивал за дизајн (18-23 септемрви), која ќе биде со флуоресцентна боја, а од челуста ќе се слуша поезија.

Девлин, која има работено сценографија за Бијонсе, Кејти Пери и Канје Вест, вели дека проектот е насловен „Ве молиме да ги нахраните лавовите“, а ќе се појави на Трафалгар сквер на 17 септември.

На плоштадот често се поставуваат уметнички инсталации, благодарение на воведувањето на проектот „Четврти столб“ во 1999 година. Но, ова е првпат уште еден лав да им се придружи на четирите бронзени скулптури околу Нелсоновиот столб, поставен во 1867 година.

Гласот на лавот ќе биде генериран од алгоритам, во кој има милион зборови од британската поезија

За разлика од постојните лавови, челуста на лавот на Девлин ќе биде отворена, како да рика. На ЛЕД-екранот вграден во челуста ќе се прикажуваат стихови поезија, користејќи нова технологија за машини.

„Во текот на изминатите две години слушнавме многу проза за националниот идентитет, но многу помалку поезија. Голем дел од дебатата беше прозаична и предизвикуваше разделби. Јас сакам да направам дело кое е поетично и обединувачко“, рече Девлин.

Гласот на лавот ќе биде генериран од алгоритам, во кој има милион зборови од британската поезија, главно од периодот кога биле поставени останатите лавови. Тој е дело на креативниот технолог Рос Гудвин, соработник на Девлин.