„ТОЧНО НА ПЛАДНЕ“ И ГАРИ КУПЕР НА МУРАЛ СРЕДЕ ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

На голиот ѕид под Градскиот саат, веќе неколку дена велешани ги пречекува сцена од вестерн класиката „Точно на пладне“, со Гари Купер како шерифот Вил Кејн, за кој беше награден со Оскар во 1953. Муралот е дело на цртачите од Стрип центарот на Македонија, со кој тие на урбан начин го доловуваат стрипот како уметност, но и ги покриваат голите ѕидови на јавните површини.

„По подолго време, продолжуваме да цртаме стрип мурали во Велес. Сакаме да го збогатиме градот со ѕидна уметност и очекувам дека со поддршка од надлежните оваа наша работа ќе продолжи и натаму. Имаме доста голи ѕидови кои можеме да ги покриеме. Го работевме во црно-бела техника, оти секоја друга комбинација ќе го расипеше впечатокот“, рече Ване Трајков, претседател на Стрип центарот на Македонија, кој го наслика муралот заедно со Анита Гочевска и Горан Мазнев.

Илустрацијата е дело на Владимир Весовиќ од Белград (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Се работеше една седмица и е со површина од 21 квадратен метар. Муралот е изработен со пари од годишната програма на Министерството за култура, преку проектот „Муралот како пример за културна и туристичка знаменитост на Велес“.

Илустрацијата е на Владимир Весовиќ, професор на стрип академија од Белград, која беше нацртана на минатогодишната стрип колонија во Велес. Ова е петти стрип мурал во Велес нацртан од 2007. Сите беа поврзани со градот, на три од нив е Кочо Рацин, на еден се Гемиџиите.

Муралот се работеше една седмица и има површина од 21 квадратен метар (Фото: СМАРТ СДК.МК)

П. ПЕЧКОВ