УМЕТНОСТ РОДЕНА ОД СОЛИДАРНОСТ – МСУ ГИ ИЗЛОЖИ ДЕЛАТА ПОДАРЕНИ ОД АМЕРИКАНСКИ УМЕТНИЦИ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Оваа изложба нѐ потсетува како вакви трагедии, иако исполнети со тага и болка, можат да нѐ сплотат и да нѐ потсетат на нашата заедничка хуманост“, рече американската амбасадорка во Скопје, Кејт Мари Брнз, на синоќешното отворање на изложбата „Скопје, одново“ во Музејот на современа уметност (МСУ).

Фото: К. Попов

Изложбата содржи повеќе од 100 дела и архива поврзана со процесот на креирање на американската колекција на МСУ по земјотресот во 1963 и преписката со авторите. Кураторки на изложбата се Кумјана Новакова, кустос-соработник во МСУ и Ана Кац, која работи во Одделот за архитектура во Музејот на модерна уметност во Њујорк – МоМА. Изложбата е резултат на соработката помеѓу МСУ и Амбасадата на САД во Скопје.

Фото: К. Попов

„За првпат изложуваме некои дела од колекцијата, бидејќи кураторките со поставката даваат ново читање на познати, но и помалку познати дела од нашата вредна колекција. Преку изложување на документи и друг архивски материјал дадена е интегрирана информација за почетоците и за големиот ентузијазам во основачките години на Музејот. Оваа изложба беше најавена и во списанието ‘Арт Форум’, а работиме на тоа да ја претставиме и пред американската публика“, вели Мира Гаќина, директорка на МСУ.

Фото: К. Попов

Амбасадорката Брнз кажа дека овие уметнички дела се потсетник на времето кога Американци со разни статуси се собраа да му помогнат на Скопје во еден од неговите најмрачни мигови.

Денеска од 18 часот во МСУ, Кара Мејнс, кураторка за сликарство и скулптура од МоМА, ќе има разговор со Новакова и Кац за процесот на работа со музејски колекции и архива.

Б. НЕСТОРОСКА

Изложбата претставува и архива поврзана со процесот на креирање на американската колекција (Фото: К. Попов)
Фото: К. Попов
Фото: К. Попов