ВОСКРЕСИЈА АНДРЕЕВСКА ИЛУСТРИРАШЕ НОВИ КОРИЦИ НА КНИГИТЕ НА НЕЈЗИНИОТ ДЕДО ПЕТРЕ М. АНДРЕЕВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Воскресија Андреевска, внуката на бардот на македонската книжевност Петре М. Андреевски, ги илустрираше кориците на неговите дела кои ги објави „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Едицијата „Македонски книжевни класици“ содржи 10 книги со прозни и поетски дела на книжевниот великан, со цртежи кои за оваа прилика специјално ги изработи неговата внука, која го има завршено Факултетот за ликовни уметности, вели издавачот.

Книгите можат да се набават во книжарниците „Литература.мк“ и на нивниот сајт. Деновиве во продажба се најдоа првите две изданија од едицијата: романот „Тунел“ и расказите „Боемите“ и стихозбирката „Пофалби и поплаки“ како едно издание, а ќе следуваат незавршениот и последен роман на Андреевски, „Бежанци“ и збирките песни „Јазли“ и „Лакримариј“. Во следниот период ќе бидат промовирани и книгите „Последните селани“, „Скакулци“, „И на небо и на земја“, „Дални наковални“ и „Вечна куќа: тажаленки“. Во посебна едиција ќе биде објавена книгата за деца „Шарам барам“.

„Лично и професионално ми претставува огромно задоволство што имав прилика да работам на ваков ангажман. Книгите на Петре М. Андреевски за мене се од огромно значење. Освен што ми е дедо, тој е и мој омилен македонски писател. За мене беше важно преку моите цртежи да го осликам и оживеам тој посебно богат свет на Петре, за повеќе да го доближам до читателите. Интересно беше што додека траеше процесот на создавање на повеќето од илустрациите за прозните дела јас бев во родното село на Петре, Слоештица, кое е негов главен, неисцрпен извор на инспирација“, вели Воскресија Андреевска.