Традиционално, новата година прво дојде во Самоа.

Малата полинезиска нација, сместена на половина пат меѓу Хаваи и Нов Зеланд, влезе во 2019 година во 11 часот по македонско време.

Самоа, која има само 196.440 жители, ја има оваа привилегија бидејќи е сместена најблиску до Меѓународната датумска линија од западната страна, додека соседната Американска Самоа на другата страна, иако оддалечена само 163 километри, ќе мора да почека цели 24 часа за да ја прослави новата година.

Бидејќи има 39 различни временски зони, на целата планета ѝ требаат 26 часа за да влезе во новата година.

По Самоа и Кирибати, следни кои прославуваат се Нов Зеланд, мали делови од Русија и Австралија, што на овој континент трае вкупно три и пол часа.

„Самоа во голем стил влезе во 2019“, објави портпаролот на тамошната влада, постирајќи снимки од голем огномет во главниот град Апија.