СИДНЕЈ ГО ИСПУКА НОВОГОДИШНИОТ ОГНОМЕТ ПРЕД МИЛИОН ЛУЃЕ ВО ИНАЕТ НА ПОЖАРИТЕ

Сиднеј, (Би-Би-Си)

Сиднеј не отстапи од традицијата и влезе во новата година со спектакуларен огномет, и покрај повиците за негово откажување бидејќи Австралија се бори со катастрофални пожари и токму вчера преживеа еден од најтешките денови.

Прославата со повеќе од еден милион луѓе се одржува под засилени безбедносни мерки, бидејќи токму Нов Јужен Велс, во чиј состав се наоѓа и Сиднеј, е меѓу најтешко погодените области. Поради силен ветер, огнометот во сиднејското пристаниште беше одложен на 15 минути, додека посетителите до полноќ собраа 700.000 долари за заедниците погодени од пожарите и сушата.

Сиднеј (Фото: ААП)

Градоначалничката на Сиднеј Клавер Мур ја бранеше одлуката огнометот, сепак, да се одржи, откако градот доби посебна дозвола за тоа, среде целосната забрана за палење оган во Нов Јужен Велс.

„Прославата ќе им даде надеж на луѓето во овие ужасни времиња. Подготовките за овој настан почнаа уште пред 15 месеци и голем број луѓе веќе платиле за лет и сместување, доаѓајќи од сите страни на светот. Прославата, исто така, носи приход од 91 милион долари за економијата на Нов Јужен Велс“, изјави Мур.

Окленд (Фото: Гети)

Еден час порано, 2020 дојде во Нов Зеланд, каде што најголем огномет традиционално имаше во Окленд.