Не морате да бидете криминалец за да одите во затвор во Фурстенау. Оние кои се заинтересирани да поминат една ноќ во поранешниот затвор во северозападниот германски град можат да го сторат тоа за 45 евра, а ако остануваат повеќе, цената е 37 евра по ноќ.
Малите ќелии не се баш луксузни, но тоа не е пречка за посетителите. Откако е отворен хотелот во мај годинава, до октомври дошле 140 гости. Дури и една двојка таму ја поминала првата брачна ноќ.
„Гостите добиваат облека со црно-бели линии, во стилот на затвореничките одела, која можат да ја носат за време на престојот“, вели Вернер Прис, портпарол на локалната асоцијација за археологија и градска историја, која работеше на реставрацијата на затворот.
Затворот бил изграден во 1720. Асоцијацијата планира да им понуди на гостите можност да бидат собрани од станица и во лисици да бидат донесени во хотелот.
Шест ќелии се адаптирани во хотелски соби, а две се оставени во нивната оригинална состојба, за да може да бидат посетувани за време на тури низ градот.
Дури и по реновирањето, се чувствува атмосферата во која живееле затворениците во 18. и 19. век. Ѕидовите биле дебели по 90 сантиметри, во студените ќелии имало малку дневна светлина, а дебели дрвени врати ги спречувале да избегаат.
„Во затворот имало 27 врати и никој не избегал“, вели Прис.