Над 600 гости на Шведската амбасада синоќа во Македонската филхармонија беа пречекани со мирисот на глог – варено вино со бадеми и суво грозје и на колачиња со шафран и ѓумбир, на традиционалниот концерт во чест на Санта Луција.
Денот на Санта Луција во Шведска се слави на 13 декември, како фестивал на светлината во темните скандинавски ноќи. Речиси сите шведски амбасади низ светот организираат прослава за Санта Луција, за да го пречекаат Божиќ со радост и светлина.
На свечениот концерт со празнични песни настапија женскиот хор „Св. Злата Мегленска“ под диригентство на Летка Димовска-Полизова, сопругата на шведскиот амбасадор во Македонија Билјана Стафансон и нејзината сестра близначка Лилјана Јовановиќ, кои се оперски солисти. Тие настапија во придружба на Иван Еминовиќ на пијано и на камерниот состав „Пламенка Трајковска“.
Шведскиот амбасадор Матс Стафансон го потенцираше значењето на еден од најголемите празници во Шведска, кој се прославува секаде, во домови, училишта и на работни места. Прикажани беа и кратки филмови за оваа традиција.
На крајот на концертот, на сцената се одржа традиционалната процесија на деца, на чело со девојче избрано да биде Санта Луција, кое носеше бела наметка и круна со венец од свеќи.
За прославата во Скопје, организаторите повикале готвач од Шведска, Магнус Албрехтсон, кој учествува во подготвувањето на свечената вечера по повод доделувањето на Нобеловата награда.
Не се знае како оваа италијанска светица почнала да се слави во Шведска. Денешниот начин на прославување има традиција од скоро еден век.