„Бизнисот на задоволството“, дебито на Гоце Цветановски, во октомври ќе се натпреварува за наградата Кристална шишарка – Хоризонти на Фестивалот за звучен дизајн и музика за филм во Самобор, Хрватска, еден од најголемите посветени на овој дел од филмската уметност.
Наградата во Хоризонти е наменета за проекти кои се истакнуваат со специфична и важна тематика, а притоа имаат висококвалитетна музика и звук. За наградата номинирани се авторите на музиката во филмот Димитар Андоновски, Зоран Алексиќ и Милан Симовски.
Уметничкиот одбор на фестивалот го предводи Ранди Том, кој има добиено двапати Оскар и е еден од најпочитуваните звучни дизајнери во Холивуд. Работел на класици како „Војна на ѕвездите“, „Индијана Џонс“, „Форест Гамп“, „Хари Потер“. Во одборот се и Ричард Кинг, дизајнер на звук на речиси сите филмови на Кристофер Нолан и добитник на 4 оскари, Мајкл Минклер со три оскари, кој работел на „ЏФК“, мјузиклот „Чикаго“ и на неколку филмови на Квентин Тарантино, Стевен Варбек – оскаровец за музиката во „Заљубениот Шекспир“ и Роберт Таунсон, еден од најуспешните филмски музички продуценти на светот.
Наградуваниот „Бизнисот на задоволството“ во октомври ќе биде премиерно прикажан и во Италија на 27. издание на фестивалот International police award arts festival (IPAAF).
Политичкиот трилер на Цветановски ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола. Во филмот играат: Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска.
Директор на фотографијата е Фејми Даут, за кого ова е прв игран филм по работата на документарецот „Медена земја“, кој имаше две номинации за Оскар.
Филмот е во продукција на „Македонска крепост“, а е поддржан со 23 милиони денари (околу 380 илјади евра) од Агенцијата за филм на конкурсот во 2019 во вториот рок на одлучување.