Гитаристот на „Пинк флојд“, Дејвид Гилмор, ја продаде својата колекција гитари за да ја поддржи борбата против климатски промени.
Аукциската куќа „Кристис“ објави дека се собрани 21,5 милиони долари од продажбата на повеќе од 120 гитари на 73-годишниот Гилмор. Целиот приход ќе биде уплатен на сметката на „ClientEarth“, непрофитна организација која се бори против климатски промени.
Меѓу продадените гитари имаше модели на „Фендер“, „Рикенбакер“, „Џибсон“, „Ц. Ф. Мартин“ и други. Највисока цена, од 3.975.000 долари, беше постигната за црн „фендер стратокастер“ од 1969 година наречен „блек стрејт“ и тоа е најскапата гитара што досега се продала на аукција. Тоа е гитарата што Гилмор ја користеше на некои од најпознатите албуми на „Пинк флојд“, како „Темната страна на Месечината“ и „Ѕид“. Гилмор ја купил оваа гитара во 1970 година, откако претходниот црн „стратокастер“ му бил украден.
„Ни треба цивилизиран свет, што ќе го оставиме на нашите внуци, па и понатаму, во кој ќе можат да се свират овие гитари и ќе се пеат песни“, напиша Гилмор на Твитер по повод аукцијата во Њујорк.