На еден од ѕидовите на зградата на Дом на градежници во центарот на Скопје e насликан мурал инспириран од големиот холандски сликар Карел Апел (1921-2006). Муралот го изработи уметникот Дени Рамбл и е подарок од Холандија за Град Скопје.
Покрај муралот, Дом на градежници ќе добие и зелен покрив, кој во моментов се прави. Ќе се постават десетици дрвца, тревна површина и вертикално зеленило, дополнето со клупи и друга урбана опрема. Околу целата ограда ќе биде поставен дрворед од густи дрвја, со намера посетителите да не им пречат на жителите на околните згради. Со создавањето на ново зелено место се очекува температурата во летниот период да биде намалена до 3 степени.