Сношти во Битола, во Центарот за култура започна 44. Издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.
Фестивалот го отвори македонскиот кандидат за Оскар, филмот „Домаќинство за почетници“ по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на „Лист продукција“.
Директор на фотографија e Наум Доксевски, добитник на наградата „Мала камера 300” на „Манаки“ во 2018 година за краткиот филм „Види ја ти неа” во режија на Горан Столевски. Ова е втор долгометражен филм на Доксевски, по неговото деби со наградуваниот филм „Сестри”.
Филмот „Домаќинство за почетници“ се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале.
По проекцијата на филмот, режисерот Столевски кажа дека чувствувал трема додека го гледал.
Добитник на наградата Златна Камера 300 за животен опус е оскаровецот Питер Бижу, актерката и продуцентка Лабина Митевска е лауреатка на наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм, а Шејмас Мекгарви е годинашен добитник на Специјалната златна Камера 300 за особен придонес за светската филмска уметност.
Пред отварањето на „Манаки“, се одржа коктел пред Центарот за култура, и традиционалното фотографирање на гостите пред црвениот тепих.
М. ЏАРОВСКА