Државниот секретар на САД Мајк Помпео најави дека Македонија оваа есен ќе го направи клучниот чекор кон НАТО кога неговата земја ќе го ратификува Протоколот за членство. Тој попладнево беше во неколкучасовна посета на Охрид, при што се сретна со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев.

Иако ѝ посака добредојде на Македонија во НАТО, Помпео предупреди на опасноста која доаѓа од Кина и Русија.

Помпео пристигна во Охрид со сопругата Сузан (Фото: Ѓ. Личовски)

„Срцето и умот на граѓаните на Северна Македонија треба да ја водат државата напред, а не руските ботови на социјалните мрежи. Сакам да ве предупредам и на подемот на Кина на полето на чувствителните технологии и на нејзината стратегија на подмитување при договарање зделки. Претседателот Трамп во Обединетите нации рече дена иднината им припаѓа на суверени и независни држави кои ги штитат своите граѓани и ги почитуваат соседите и Северна Македонија го одразува тој дух. САД ќе продолжат да бидат ваш партнер“, изјави Помпео.

Помпео и Заев одржаа заедничка прес-конференција (Фото: Ѓ. Личовски)

Тој додаде дека владеењето на правото и борбата против корупцијата се важни за приклучувањето на Северна Македонија во НАТО и ЕУ.

Помпео заедно со сопругата Сузан ја посетија црквата „Света Богородица Перивлепта“, каде што беа пречекани од поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г. г. Стефан. Оваа црква беше реновирана токму со американски средства.