Вечерва во 19 часот во Националната галерија Чифте амам, ќе биде промовирана книгата “Гуш и Бац“ од графичкиот дизајнер и активист Зоран Кардула. Во неа се содржани зборовите што ги измислила како свој јазик неговата ќерка Ерато која има аутизам, кои се преведени на 19 јазици и илустрирани од 33 креативци.
Промоцијата се организира по повод 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост, а во Чифте амам ќе има и хуманитарна изложба на илустрациите од книгата.
„Целта е подигнување на свеста за аутизмот и интергација на лицата и децата со оваа состојба во општеството. Средствата од продажбата на книгата и илустрациите ќе бидат наменети за реедукација, односно работа со дефектолог и логопед на оние дечиња со аутизам кои не може да си го дозволат тоа“, вели Кардула.
Модератор ќе биде ТВ водителот Огнен Јанески, промотор Никола Гелевски, а музика ќе пушта Соња Исмаил -Огненоска.