Британската министерка за здравство Надин Дорис од вчера се наоѓа во домашна самоизолација откако ѝ бил дијагностициран коронавирус. Кај неа први симптоми се појавиле во четвртокот, истиот ден кога присуствувала на состанок организиран од премиерот Борис Џонсон во неговото седиште.
КОВИД-19 за два и пол месеци се прошири низ цел свет, заразувајќи речиси 120.000 луѓе, меѓу кои има и високо рангирани политичари.
Францускиот министер за култура Франк Ристер (46) имаше позитивен тест, но вели дека се чувствува добро во карантин. Коронавирусот во Франција погоди и петмина пратеници во Националното собрание, како и еден парламентарец во Шпанија.
Во Италија е заразен лидерот на Демократската партија Никола Ѕингарети, а претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли кажа дека се ставил во карантин откако викендов ја посетил Италија, во која што владее најголема криза надвор од Кина.
Повеќе од 20 ирански политичари се заразиле со КОВИД-19, а двајца и починале, вклучувајќи висок советник на ајатолахот Али Хаменеи.
Познатиот сенатор од редовите на Републиканците, Тед Крус, исто така кажа дека се ставил во изолација откако имал контакт со заразено лице на една конференција. Иако и Доналд Трамп и Мајк Пенс биле присутни, Белата куќа соопшти дека немало потреба да се тестираат.