Со мултимедијалната патувачка изложба во Ликовниот салон во Велес завршува проектот CAN for Balkans, финансиран од ЕУ. Стрип уметноста ги поврза цртачите од Белгија, Романија, Србија, Албанија и Македонија, кои во Велес ја имаа завршната презентација на нивните трудови. Патувачката изложба тргна од Брашов (Романија), па преку Брисел и Тирана стигна до Велес.

Изложбата е резултат на повеќегодишните истражувања за историјата на стрипот на Балканот и на неа се изложени најрепрезентативните стрипови на романски, српски, албански и македонски автори. Ќе може да се види до 27 март.
Настанот е во организација на Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес, кој е партнер во проектот CAN for Balkans, во чии рамки италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвестри ја промовираше неговата книга „Стрипот и моќта: Хероите како геополитичка алатка“.
„Во минатото, но и денес можеме да сретнеме стрип херои. Има јунаци со моќ зад обичниот изглед кои имаат влијание. Овој проект е добар за да ги разоткрие стереотипите“, кажа Силвестри.
П. ПЕЧКОВ