Графичкиот дизајнер и истакнат граѓански активист Зоран Кардула вечерва (20 часот) ја отвора својата изложба во Музејот на Град Скопје, како дел од 19. Биенале на македонска архитектура, БИМАС.
Изложбата е насловена „Архитектонски илустрации“, а ќе бидат претставени 26 дела.
„Ќе се претставам со мои илустрации на бруталистички објекти во Скопје, потоа, тука е споменикот Македониум во Крушево и, секако, дел од спомениците на НОБ низ Југославија, кои сѐ уште пленат со својата убавина, архитектонски израз далеку пред времето и сѐ уште изгледаат авангардно. Изработени се во минималистички стил, со цел да дојдат до израз нивните убавина и моќ. Овие илустрации беа објавени на познатиот сајт ‘Бордпанда‘, каде ги постирав како поддршка на нашиот тим, кој беше дел од големата изложба во МоМА на тема архитектурата во СФРЈ“, ни изјави Кардула, кој годинава го направи и графичкото решение за БИМАС.
БИМАС почна на 13 септември, ќе трае до 27 септември, до кога ќе има настани како изложба на фотографии на Даниел Ѓурчиновски и Баукултур разговори за Проект Скопје и за градење култура.
Б. НЕСТОРОСКА