Од утре до среда, во Старата скопска чаршија ќе се одржува традиционалната манифестација „Звуците на чаршијата“, чија цел е нејзино заживување преку концерти од сите жанрови, перформанси, фолклорни настапи, поезија, ликовна колонија и презентација на стари занаети.
„Фестивалот е првиот чекор што Град Скопје го направи во 2006 година во насока на заживување на чаршијата. Изменетото работно време и забраната за движење на возила во чаршијата придонесоа таа да стане најфреквентното место во градот“, вели директорката на Културно-информативниот центар Сермине Пурини.
Манифестацијата ќе биде отворена утре во 14 часот на плоштадот Скендербег со настанот „Старата скопска чаршија во делата на литературните творци“. Потоа ќе има настапи на културно-уметнички друштва, изложба на фотографии на Арбнора Мехмети и Зоран Шекеров, ќе се изведе балетската претстава „Сон“, а во 21 часот во паркот на Скопско кале ќе се прикаже филмот „Враќање“ на Кастриот Абдули.
Во наредните два дена ќе може да се види проектот „Деструкција ритам“ на уметникот Исмет Рамиќевиќ, а ќе има и низа музички настапи на Камениот мост и плоштадот Филип Втори, вклучувајќи ги Тамара Тодевска, Дафина Зеќири, Канита Сума, Линдон Бериша и Елвана Џата.