МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ВО ЖИРИ НА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ ФАЏР ВО ИРАН, ГОСТИН И ОЛИВЕР СТОУН

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Најтрофејниот македонски филмски режисер Милчо Манчевски е во жирито на Меѓународниот филмски фестивал Фаџр, што е во тек во главниот град на Иран, Техеран. Ова е 36. издание на најголемиот ирански фестивал, а гости се над 300 режисери, сценаристи и професори од целиот свет, на чело со легендарниот американски режисер Оливер Стоун и италијанската легенда на шпагети вестернот Франко Неро.

Во Техеран гостин е и легендарниот американски режисер Оливер Стоун

Манчевски е во жирито на официјалната селекција за награди наречена Спас на филмот, заедно со режисерите Јоана Кос-Краузе од Полска, Димитри Атантис од Грција, кинематограферот Махмуд Калари и актерката Мерила Зараи од Иран.

Во една од програмите игра и македонскиот филм „Исцелител“ на дебитантот Ѓорче Ставрески.

Манчевски е добитник на над 40 меѓународни награди и признанија, меѓу кои и почесен докторат од универзитетот ВГИК  во Москва, Златен лав во Венеција, номинација за Оскар, Индепендент Спирит, Давид ди Донатело, ФИПРЕСЦИ, УНЕСКО, Сребрен кондор, ЕМ-ТИ-ВИ и други. Неговите филмови се предаваат на бројни универзитети на сите пет континенти, а влезени се и во наставната програма на средните училишта во Италија и Турција. Користени се и во наставата во Јужна Кореја. За неговите филмови се одржани две академски конференции, во Фиренца и во Лајпциг.

Неговиот петти филм „Бикини Мун“, снимен во Њујорк, во моментов игра во кино Милениум во Скопје и кината низ Македонија. Светската премиера беше во Бразил, на фестивалот во Сао Пауло, а потоа во Португалија ја освои специјалната награда на жирито. Беше прикажан и на фестивалите во Синеквест во Сан Хозе, Калифорнија, Белград и Софија, Истанбул, Франкфурт, Сарасота, а следат Нешвил, Менхетн, Шангај и други.