МНТ ПОЧНА СО ПРОБИ ЗА ДУОДРАМА СО РИСТАНОВСКИ И АНГЕЛОВСКА И ЗА МОНОДРАМА НА МИКИЌ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Две претстави се подготвуваат во Македонскиот народен театар (МНТ) од Годишната програма за култура за 2021.

Композиторот и режисер Марјан Неќак ги почна пробите за претставата „Само глас“ од Нина Плавањац. За оваа претстава, Неќак е и автор на музиката, сценограф и дизајнер на светло, а играат првенците на МНТ, Звездана Ангеловска и Никола Ристановски. Премиерата се очекува на крајот на мај.

„’Само глас’ е приказна за силна и талентирана жена, која го доживува најпонижувачкиот момент во својот живот, борејќи се за сопствениот идентитет. Позната е само Таа, бидејќи во нејзината личност се измешани повеќе архетипови: на ќерка, дете, жена, љубовница, ѕвезда, протагонистка и на антагонистка“, најавува МНТ.

Вториот проект е „Митре Стрелата во земјата на чудата“/„Тибам Штркот“ од Зоран Спасов-Ѕоф, работен, како што велат од МНТ, според еден од најчитаните текстови во 2008. Тој ќе ја доживее својата праизведба во режија на Јордан Симонов, а главниот лик го игра Александар Микиќ. Насловот на претставата е инспириран од животната сторија на јунакот Митре Стрелата во Канада. Како што вели авторот, ова дело е обид да се види Канада со македонски очи, но и да се доживее со космополитска душа и да се доловат измешаните чувства на љубов, среќа, тага, радост и носталгија.

„Ракописот е напишан на скопски сленг, во лесна варијанта, дијалект што сè помалку се зборува и го снемува од скопските улици“, велат од МНТ.