НА МОТ ИГРААТ ДВЕ ПРЕТСТАВИ ОД СЕЛЕКЦИЈАТА ЗА НАГРАДАТА „БИШ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Две претстави од селекцијата за наградата „Биш“ играат вечерва (13 ноември) на Млад отворен театар (МОТ) во Скопје. МОТ и годинава ја доделува наградата „Биш“, иницијатива која почна лани, како дел од заложбите за поддршка и промоција на домашната, пред сè, независна сцена. На отворениот повик се пријавиле 25 театарски претстави од домашната независна продукција, а на фестивалот ќе бидат прикажани шест од нив.

Оценувањето на претставите го прави тричлено меѓународно жири. Наградата е именувана по еден од основачите на МОТ, Љубиша Никодиновски-Биш, кој почина лани.

„Вилицата на Ибен Бајерс“ ќе се изведе од 20 часот на малата сцена во Националната опера и балет, во режија на Борис Василевски. Играат Марјан Наумов, Ава Хусеини, Благојчо Стојанов, Томислав Давидовски, Јанка Лефкова, Гоце Андонов, Катерина Јовановиќ и Ана Грамосли

„Немиот келнер“ е закажана во 22:30 часот во МКЦ. Режисер е Александар Ивановски, а играат Васко Костовски и Мартин Ѓоргоски.

(Фото: Сцена од „Вилицата на Ибен Бајерс“)