НАД 1.100 УЧЕНИЦИ ВО СКОПЈЕ СЕ ВКЛУЧИЈА ВО ПРОЕКТОТ „ЗБОРУВАМ НА ЈАЗИКОТ НА МОЈОТ ДРУГАР“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во 11 средни училишта во Скопје почна проектот „Зборувам на јазикот на мојот другар“ во организација на Град Скопје. Проектот ќе трае три месеци и опфаќа бесплатни курсеви за изучување на македонски, албански и турски јазик, што е наменето и за ученици и за наставници.

„Со посетување на курсевите, учениците ќе имаат можност да стекнат основни познавања на јазикот на кој зборуваат нивни соученици, што ќе придонесе за поголема јазична социјализација“, велат од Град Скопје.

За проектот се пријавиле 1.173 ученици и 69 наставници. Од нив, 769 ученици поделени во 20 групи следат курс за изучување на македонски јазик, 224 ученици и 69 наставници (15 групи) посетуваат курс по албански и 180 ученици (13 групи) го следат курсот по турски јазик.

Курсевите ги држат наставници од средни училишта, а се реализираат во училиштата „Здравко Цветковски“, „Никола Карев“, „Владо Тасевски“, „Арсени Јовков“, „Д-р Панче Караѓозов“, „Боро Петрушевски“, „Зеф Љуш Марку“, „Јосип Броз Тито“, „Димитар Влахов“, „Георги Димитров“ и „Браќа Миладиновци“.

Во останатите скопски училишта предвидено е вакви курсеви да се организираат во првото полугодие од наредната учебна година.