ПОЧНУВА 7. ВИКЕНД НА ГОРДОСТА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Седмиот Викенд на гордоста во Скопје почнува вечерва во 21 часот во Музејот на современа уметност со перформансот „Акефално чудовиште“ на Рон Ејти, култен уметник кој во последните 40 години направи значајни поместувања во изведувачките уметности и боди артот. Тој се одржува до недела, како и на 14/15 јуни.

Носечката идеја зад Викендот на гордоста 2019 е „Светкави рани“ (Glittering wounds). Со оваа идеја, како што вели организаторот, сакаат да ги истражат и проблематизираат современите хегемониски политички имагинации и практики на изолираниот, посесивен, приватизиран, рационален и самодостатен субјект.

На фестивалот ќе дојдат значајни современи уметници, како Рејчел Јанг и Марикискрајкрајкра, ќе биде промовиран постхумно издадениот превод на Огнен Чемерски на книгата „Како да се биде геј”, ќе има изложба на Дел Лагрејс Волкано, спектакуларно дрег шоу на 12 кралици од Берлин, Белград и Скопје, како и традиционалното „Срамота“ на „ПичПрич“.

Скопскиот Викенд на гордоста го организира Коалицијата МАРГИНИ во партнерство со ЛГБТИ Центарот за поддршка и со поддршка од фондацијата „Хајнрих Бел“, ФООМ, Европската Унија, амбасадата на Кралството Холандија и CIVICA Мобилитас.