ПРИ КРАЈ СЕ КАРТИТЕ ЗА ХРВАТСКАТА ПРЕТСТАВА „РИКАРД ТРЕТИ“ НА ПОПОВСКИ, КОЈА ИГРА ВЕЧЕРВА ВО МНТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Уште малку билети се останати за хрватската претстава на македонскиот режисер Александар Поповски, „Крал Рикард Трети“ од Шекспир, која вечерва во 20 часот ќе се изведе во Македонскиот народен театар (МНТ).

Претставата во продукција на загрепскиот театар „Гавела“ премиерно беше изведена во декември, а доаѓа во рамките на Скопско лето. В недела ќе игра и на „Битола Шекспир фестивалот“.

„’Гавела’ има специфичен ансамбл. ‘Рикард Трети’ не е едноставен материјал и потребни се добри актери, а тие ги имаат. Феномен од актер е Озрен Грабариќ, кој го игра насловниот лик“, вели Поповски, додавајќи оти последна негова странска претстава која играла на Скопско лето е словенечката „Дракула“ во 2002 година.

Во претставата играат и Андреј Дојкиќ, Свен Шестак, Мартина Чвек, Дијана Видушин, Свен Медвешек, Живко Аночиќ, Бојана Грегориќ-Вејзовиќ, Хрвоје Клобучар, Славица Кнежевиќ, Никола Баќе, Иван Грчиќ, Ѓорѓе Кукуљица, Филип Шоваговиќ и Аница Ковачевиќ.

По премиерата во декември, дел од критиките во хрватските медиуми беа дека „Гавела“ со оваа претстава се издигна толку високо што е невозможно да му се парира.

Поповски е автор на сценографијата, костимите се на Марита Ќопо, а музиката е на македонскиот композитор Марјан Неќак.

Б. НЕСТОРОСКА