Новиот роман на академик Влада Урошевиќ, „Маџун“, ќе биде промовиран вечерва во 19 часот во Кино Култура во Скопје.
Романот на еден од најзначајните македонски писатели го издаде „Магор“, а вечерва на промоцијата вовед во делото и разговор со авторот ќе води Владимир Јанковски. Авторот ќе чита делови од романот.
„Романот ‘Маџун’ е структуриран од три дела: Рајот на детството, Сјајот на детството и Крајот на детството. Веќе самите наслови на одделните поглавја ја откриваат доминантната тема детство, која како Аријаднина нишка се провлекува низ многуте лавиринтски патеки на оваа повеќеслојна и комплексна проза. Зашто, ‘Маџун’ не е само роман за детството, туку е и роман на атмосфера и роман со исклучително урбан сензибилитет и роман-сложувалка во духот на постмодернистичката парадигма и роман-загатка“, напиша професерката Лидија Капушевска-Дракулевска.