ПРОМОВИРАНИ ДВЕ КНИГИ ЗА ПРАВИЛЕН ГОВОР КАЈ ДЕЦАТА И ВОЗРАСНИТЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Книгите за правоговор „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“ и „За секоја буква приказна“, кои се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беа промовирани преку платформата Зум.

„Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“ од авторите Владо Димовски и Јордан Јорданоски деновиве излезе од печат во ново, освежено издание, 25 години по првата објава. Таа и денес претставува еден од најупотребуваните практични прирачници во областа на артикулативно-говорна и јазична проблематика.

„За секоја буква приказна“ е нова книга од Димовски, која може да се користи како дополнување (вежбанка) на прирачникот, но и независно во фазата на описменување на децата.

„Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“ е практичен прирачник наменет за стручните работници во институциите што се занимаваат со артикулативно-говорна и јазична проблематика, дефектолошките и филолошките образовни институции, родителите чии деца имаат артикулативно-говорни тешкотии, стручните работници од предучилишните установи и за професионалните работници во масовните медиуми.