ПРВИТЕ БРИТАНЦИ ЈА ПРИМИЈА ВАКЦИНАТА ПРОТИВ КОВИД-19 НА „ФАЈЗЕР“, ЦЕЛОСЕН ИМУНИТЕТ СЕ СТЕКНУВА ЗА 28 ДЕНА

Лондон, (Би-Би-Си)

Очите на светот се вперени кон Велика Британија откако таа утрово почна со масовна програма на вакцинирање на своето население против ковид-19. Ова следува откако Британија минатата недела стана прва држава која ја одобрила употребата на вакцината развиена од „Фајзер“ и „Бионтек“, додека здравствените власти низ светот се подготвуваат да вакцинираат милијарди луѓе, во обид да се стави крај на пандемијата, која за неполни 12 месеци уби повеќе од 1,5 милиони луѓе и целосно го промени секојдневниот живот.

Британија планира да имунизира 400.000 луѓе до крајот на годината, а прва од нив беше 90-годишната Маргарет Кинан од Северна Ирска, која денеска прими вакцина во болницата во Ковентри.

Ова е најбрзо развиената вакцина во историјата, имајќи предвид дека од концептот до реализацијата поминаа само 10 месеци. Вообичаено, развојот трае и цела деценија. „Фајзер“ и „Бионтек“ кажаа дека се потребни две дози од вакцината, која мора да се чува на температура од -70 Целзиусови степени:

  • Прв ден: Се прима првата доза од вакцината.
  • 12. ден: Организмот почнува да гради имунитет.
  • 21. ден: Се прима втората доза.
  • 28. ден: Се стекнува целосен имунитет.

Властите ги повикаа луѓето на трпение, бидејќи во раната фаза вакцина ќе примат оние кои се во најголем ризик од коронавирусот. Во Велика Британија, тоа ќе бидат лицата над 80 години и персоналот во старечките домови, по што вакцинирањето постепено ќе се проширува, како што ќе се зголемува бројот на добиените дози.

„Ова навистина изгледа како почеток на крајот. 2020 беше ужасна година. Не сакаме така да живееме и следната година“, изјави директорот на Националната здравствена служба на Англија, Стивен Пауис.

Македонија ќе добие 833.000 дози, доволни за вакцинирање на 20% од населението. Нивното доаѓање се очекува во првите три месеци од новата година.