СКОПЈЕ ЌЕ КОНКУРИРА ЗА ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА ВО 2028 ГОДИНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Град Скопје ќе конкурира да биде Европска престолнина на културата во 2028 година. Координаторот на проектот Роберт Алаѓозовски, градоначалникот Петре Шилегов и директорот на Универзална сала Филип Аврамовски денеска најавија дека почнуваат со активностите за подготовка на апликација, за оваа како што рекоа престижна титула на Европската комисија.

„Програмата е сложена и бара три до четири години за подготовка на апликацијата, процесот на селекција трае две години а одлуката за титулата се носи 4 години пред почетокот на манифестацијата. Затоа почнуваме со време. На 13 ноевмри ќе го презентираме нацрт-планот а потоа заедно со сите културни работници и институции ќе ја правиме визијата и мотото со кое ќе конкурираме. Во 2028 година ќе се одбележат 65 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје и тоа е дополнителен мотив да ја добиеме оваа престежна титула. Скопје мора да доживее трансформација, да добие повеќе културни институции, да ја зајакне независната културна сцена и граѓанските организации“, рече координаторот Алаѓозовски.

Градоначалникот Петре Шилегов рече дека оваа апликација е доказ за заложбите на Градот Скопје да биде европски модерен град, каде што вистинските културни вредности ќе бидат на највисоко ниво и сите активности ќе бидат насочени кон целта градот во 2028 да биде европска престолнина на културата.

„Искуството од досегашните европски престолнини на културата вели дека за секое вложени евро, во Градот ќе се враќаат неколкукратно повеќе. Токму затоа, оваа титула ќе значи и зголемен број на странски туристи и зголемена економска активност во градот. 2028 ќе дојде набрзо и ќе помине, но она што овој град ќе го добие како наследство од сето тоа, ќе трае со години. Јас искрено верувам дека во 2028 година Скопје ќе биде Европска престолнина на културата и ќе се вброи во редот на еден Ливерпул, Даблин, Амстердам, Мадрид, Истанбул, Копенхаген“, рече Шилегов.

А. АНТЕВСКА