СЛИКИ СО МОТИВИ ОД МАКЕДОНСКИТЕ ГРАДОВИ ИЗЛОЖЕНИ ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Во Ликовниот салон во Велес е отворена изложбата „Урбани документи: пејсаж-град-предел“. Претставени се 23 дела, кои се дел од богатата колекција на Националната галерија на Македонија (НГМ) на афирмирани автори, меѓу кои Михајло Шојлев, Димитар Аврамовски-Пандилов, Лазар Личеноски, Борко Лазески, Вангел Коџоман и Томо Владимирски.

На делата има препознатливи мотиви од Скопје, Битола, Охрид, Струга, Кратово, но и од Париз, Прага и Елбасан.

„Изложените дела се интересни за публиката од аспект на историски и документарен карактер, како сведоци на едно минато време, како и од ликовен аспект. Оваа изложба ги следи насоките и препораките за децентрализација и демонополизција на културата во Макддонија, опфатени со Нацрт стратегијата за развој на културата во периодот 2018-2022 година. Згора на тоа, 2018 е прогласена од Европска Унија за година на културното наследство“, изјави кустосот од НГМ, Елена Иванова.

Голем дел од делата за првпат беа презентирани во јавност во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје во септември.

П. ПЕЧКОВ